Албанија се чини ги доживува најтешките денови од појавата на пандемијата со Ковид-19, пред една година, кога на почетокот на март минатата година беше регистриран првиот случај.
Тоа го потврдува билансот на новозаразени и починати во првата недела од месецов кога се регистрирани 80 починати и над 7 илјади новозаразени.
Најкритична состојбата е во последните четири дена кога бројот на лицата кај кои е дијагностициран опасниот вирус е над илјада дневно.
Коронавирусот стигна до скоро секоја општина во земјата без да ги поштеди ниту младите, но Тирана е на врвот на списокот градови кои се жариште за ширење на вирусот.
Здравствените власти вчера пријавија 1.124 позитивни случаи, од направените 4.254 направени тестови, што е 26,4 отсто од тестираните. Исто така починати се 14 лица сите во болнички услови, најмладиот меѓу нив на 35-годишна возраст.
Продолжува да се зголемува и бројот на оние на кои им е потребно болничко лекување. Околу 437 лица се третираат во четирите ковид болници, каде има непополнети помалку од 120 болнички кревети.
Во земјата голем е бројот на активните случаи, односно 32.432 од вкупно заболените 85.336, оздравеле 51.444 додека починале 1.460 лица.
Пред два дена шефот на државата Илир Мета оцени дека состојбата со пандемијата со Ковид-19 е вон контрола и ја повика Владата на премиерот Еди Рама да не си игра со здравјето на луѓето, туку под итно да ги преземе потребните активности за масовна вакцинација.
Познати епидемиолози претходно апелираа до владата да почне преговори и со Кина и Русија за набавка на вакцини. (МИА)