Според извештајот што неодамна го објави Евростат, само во текот на 2020 година, 12.200 деца под 15 -годишна возраст ја напуштиле Албанија и заминале во земјите на ЕУ, пренесува Ора њуз.
Додава дека документот, кој покажува застрашувачки бројки, се однесува на малолетници кои добиле дозволи за престој, додека главни дестинации се Германија, Грција и Италија.
За социологот Ентела Бињаку, бројките во овој документ се повеќе од вознемирувачка појава. Според неа, главно родителите се оние кои стануваат причина за заминување на децата бидејќи не гледаат перспектива за младите во Албанија.
-Причините првенствено се поврзани со перспективата што родителите на малолетници ја гледаат надвор од Албанија и несигурноста што ја чувствуваат родителите на овие малолетници за нивната иднина во нашата земја. Барам од родителите да покажат поголема одговорност, внимателност и грижа, вели таа.
Посочува дека кога вели поголема одговорност, родителите треба да бидат свесни дека нивните деца може да станат жртви на организираните мрежи за трговија со деца.
-Да ги согледаат духовните и економските последици од заминувањата на децата, зашто тие може да станат жртви на мрежи за трговија со луѓе. Од масовното заминување на децата голем губитник е и Албанија. Тоа е една голема драма која и се случува на земјава, оценува Бињаку.
Телевизијата наведува дека Албанија е на второ место во Европа, по Украина, според издадени дозволи за престој за деца под 15 години, во некоја од земјите на Европската унија.
Од вкупно 64.000 дозволи за престој издадени во ЕУ, 19 отсто од нив, или 12,2 илјади биле за албански државјани.