Албанската Влада минатата година потрошила околу 1,5 милиони евра за изработка на договорот за испраќање на прашањето за морската граница со Грција до Меѓународниот суд на правдата.
Министерството за финансии ја откри владината одлука и тоа дека сумата е издвоена од државниот резервен фонд, не наведувајќи детали која компанија ја добила обврската да го подготви текстот на договорот. За оваа работа и поранешниот претседател на државата Илир Мета изјави дека нема официјални информации, јави Ора њуз.
Според истиот извор преговорите меѓу Грција и Албанија за „поделба на морето останаа на нејасна точка“, а страните досега најавија дека ќе се обратат до Меѓународниот суд за решавање на граничните точки.
Иако има малку податоци од преговарачката група која доби целосна моќ во 2018 година, албанската Влада презеде конкретни чекори.
– Според податоците од фактичкиот буџет во 2021 година, за одобрување на договорот со предмет на консултантски услуги за изработка на нацрт-договорот што ќе се склучи меѓу Албанија и Грција, за упатување на прашањето за разграничување на поморските области на Меѓународниот суд на правдата. Фондот е префрлен во Министерството за надворешни работи со одлука на владата од 4 април 2021 година. Понатаму преку објавените табели се појаснува дека уште 35 милиони леки или околу 300.000 евра и биле дадени на Националната агенција на информатичко општество, наведува телевизијата.
Исто така потсетува дека поради застојот на случајот дошло до судир од далечина меѓу поранешниот претседател Мета и министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, кој изјави дека „шефот на албанската држава станал пречка случајот да се испрати на суд“.
Но, како одговор Мета изјави дека тој не станал пречка, туку дека побарал појаснување од премиерот Еди Рама, но истото не го добил. Сега потписот за продолжување на процесот ќе треба да го даде новиот претседател Бајрам Бегај.