Албанската централна изборна комисија вечерва го соопшти резултатот од денешното гласање за градоначалник на една од шесте општини каде се гласаше.
Станува збор за општина Вора, каде гласањето и пребројувањето беа електронски.
– Нов градоначник на Вора е Блерим Шерај, кандидат на Социјалистичката партија кој освои 7.530 гласови. Резултатите од останатите пет општини ќе ги соопштиме во рок од 48 часа, рече Илирјан Целибаши претседател на Централната изборна комисија.
Вора, општина до Тирана, до 2019 година беше бастион на Демократската партија, но поради бојкотот на локалните избори од страна на опозицијата таа година градоначалник стана социјалистот Агим Кајмаку, кој беше разрешен од функцијата откако се потврди дека го фалсификувал образецот за декриминализација.
Целибаша оцени дека денешниот изборен ден на предвремените избори за градоначалник во шест општини во Албанија, минал мирно но со ниска излезност на гласачите.
Од вкупно запишаните 648.576 лица правото на глас го искористиле 30,33 отсто.
Највисока излезност е забележана во Пешкопеја 42,18 отсто а најниска во Драч 25,43 отсто. Во Вора гласале 39,4 Љушња 35,69 Рогожина 28,59 и Скадар 27,22 отсто од запишаните во единствениот избирачки список.
Од вкупно 942 гласачки места три во општина Скадар не беа отворени поради неможноста членовите на избирачките одбори не можеа да стигнат поради завеани патишта од обилните снежни врнежи. (МИА)