Додека парламентарната анкетна комисија, под раководство на Мислим Муризи, работи под полна пареа, во испитувањето на прекршувањата на уставни надлежности од страна на шефот на државата, Илир Мета, тој испрати писмо до парламентот во кое оваа постапка ја оценува како одмазда и бара итно прекинување на истрагата.
Во писмото упатено до првиот парламентарец Грамоз Ручи, албанскиот претседател ги објаснува причини зошто комисијата не може да донесе одлука за негово разрешување.
Во него, меѓудругото, Мета го споменува фактот дека „ова Собрание нема опозиција што го прави нелегитимно за водење истражни активности“.
-Ова собрание, како и во која било друга демократска земја, од февруари 2019 година (кога опозицијата се откажа од пратеничките мандати), нема вистинска опозиција. Затоа, недостатокот на опозиција во Собранието е причина повеќе зошто актуелното еднопартиско Собрание, во овие услови, во овој период / време и во овие околности, не ужива никаков легитимитет за иницирање, ниту за спроведување истражни активности, пишува Мета.
Мета, понатаму, бара од Собранието да ја рефлектира и укине одлуката за усвојување на извештајот и формирањето анкетна комисија за негово разрешување. Исто така, веднаш да ги прекине сите парламентарни истражни постапки што ги спроведува оваа комисија и да не „донесува важни одлуки кои се закана за интересите на државата“.
Анкетната комисија беше изгласана на пленарна седница на Законодавниот дом на 7 мај со 91 глас „за“, што значи гласаа и пратенци и од опозицијата, против беа шест, а еден пратеник беше воздржан.
Извештајот од истрагата за тоа каде „згрешил“ Мета треба да биде подготвен во рок од еден месец.
Деновиве премиерот Еди Рама изјави дека Мета мора да биде разрешен затоа што е срам за Албанија и оти ќе стори се за да ја „ деминира институцијата претседател“ и оти за да се најде кандидат за нов претседател ќе се консултира со опозициската Демократска партија.