Со американски пари ќе се санираат оштетувањата на неколку објекти со културно – историска вредност, погодени од катастрофалниот земјотрес, што Албанија ја погоди на 26 ноември минатата година.
Станува збор за грант во износ од 800.000 долари со кои ќе бидат опфтени неколку објекти во Круја, Драч и Преза, месатата што претрпеа големи оштетувања од земјотресот.
Американската амбасадорка, Јури Ким рече дека овој проект за зачувување на културата „ ја покажува вредноста што САД ја придаваат на богатото наследство на Албанија“.
-Денес го означуваме почетокот на проектот за обнова на културните знаменитости, оштетени од земјотресот од 26 ноември, во Круја, Драч и Преза, како дел од Проектот на Фондот на амбасадори на САД за зачувување на културното наследство (АФЦП). Овој проект ја покажува вредноста што САД и ја придаваат на богатото наследство на Албанија, а мојата надеж е дека сработеното ќе биде како сведоштво за длабокото пријателство меѓу нашите два народа, изјавила Ким на потпишувањето на грантот.
Посочила дека сите објекти имаат извонредна културна вредност, но оти е посебно среќна што Меморандумот за разбирање за спроведување на грантовите на АФЦП го потпишува токму во Круја, „кој е дом на Скендербег, националниот херој на Албанија“.
Со овој двегодишен проект покрај објекти во Драч и Преза, ќе биде опфатена и позната тврдината во Круја.
Тврдината била седиште на Скендербег во времето на војните против Османлиите, и било единственото место на Балканот кое не било освоено од страна на Османлиите. Истото паднало под османлиска власт по смртта на Скендербег.
Тврдината во Круја денес е едно од најголемите туристички атракции во Албанија. (МИА)