сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Анкета: Половина од Грците не веруваат дека владината субвенција за супермаркет ќе им помогне во справувањето со инфлацијата

Анкета: Половина од Грците не веруваат дека владината субвенција за супермаркет ќе им помогне во справувањето со инфлацијата

Повеќе од половина Грци, односно 53 отсто, сметаат дека новата владина мерка за покривање на 10 проценти од трошоците за супермаркет и продавници за храна нема да им помогне во справувањето со покачувањата на цените, покажува истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на расправата за буџетот во саботата, грчкиот премиер соопшти дека од февруари до јули, шест месеци, Владата ќе покрива 10 проценти од трошоците за супермаркет и продавници за храна на граѓаните, истакнувајќи „10 отсто инфлација, 10 отсто покрива државата“, а според новата анкета на „Скај“, 39 проценти од  испитаниците сметаат дека оваа мерка (сигурно или веројатно) ќе им помогне во справувањето со инфлацијата, наспроти 53 отсто, кои одговориле негативно.

На политичката сцена, владејачката Нова демократија со рејтинг од 34 отсто е на прво место пред опозициската СИРИЗА која има 26 проценти, а потоа следат ПАСОК- Движење на промена, Комунистичката партија, Грчко решение и МЕРА25, додека пак актуелниот претседател на Владата Кирјакос Мицотакис и понатаму е во предност пред Алексис Ципрас во однос на тоа кој е посоодветен за премиер на земјата.

Следната година е изборна година во Грција, а поделено е мислењето на анкетираните за тоа каква би требало да биде следната влада, еднопартиска или коалициска, иако 48 отсто поддржуваат еднопартиска влада, а 33 проценти коалициска.

Истражувањето на „Pulse“ за телевизијата „Скај“ било спроведено во периодот 18-19 декември со анкетирани 1.103 лица со право на глас.  (МИА)