петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Анкета: Популарноста на Путин меѓу бугарските граѓани нагло опадна, а 63 отсто ја поддржуваат политиката на ЕУ кон Русија

Анкета: Популарноста на Путин меѓу бугарските граѓани нагло опадна, а 63 отсто ја поддржуваат политиката на ЕУ кон Русија

Според анкетата на Агенцијата за истражување Алфа, нарачана од БНТ од почетокот на војната во Украина, рускиот претседател Владимир Путин, кој со години ужива висок рејтинг во Бугарија, изгубил повеќе од половина од својата популарност.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, во периодот 2020-2022 година помеѓу 55 и 58 отсто од бугарските граѓани искажале позитивни оценки за Владимир Путин, а само 20 отсто негативни, но сега ситуацијата е значително променета. Позитивните мислења кај Бугарите за Путин се речиси двојно намалени и изнесуваат 32 отсто, додека негативните се зголемија на 48 проценти.

Растечката руска агресија, убиствата на невини граѓани од двете страни и заканата за употреба на нуклеарно оружје од страна на рускиот претседател се факторите кои го сменија мислењето на бугарското општество. Повеќе од три четвртини од нив сметаат дека руската инвазија на Украина е неоправдана. Сосема непознатиот претседател на Украина Володимир Зеленски ги освои симпатиите на 40 отсто од анкетираните Бугари, додека 29 отсто имале негативно мислење за него.

Според истражувањето, 63 отсто од Бугарите ја поддржуваат политиката на европските земји и воведувањето санкции против Русија и помошта за Украина. Против оваа политика. се 32 отсто.

Вкупно 55 отсто ја одобруваат оставката на министерот за одбрана Стефан Јанев што ја побара бугарскиот премиер Кирил Петков, поради неговите „лични“ позиции за надворешната политика на Бугарија, што е спротивна на општата политика на владата. Вкупно 36 отсто не се согласуваат со смената на Стефан Јанев, покажува истражувањето кое вечерва ќе биде претставено во програмата за дискусија „Референдум“ на БНТ.