Во невремето што го зафати островот Евија во централна Грција, три лица, меѓу кои и осуммесечно бебе, се пронајдени мртви, додека десетици биле заробени во нивните домови и автомобили, соопшти полицијата.
Оттаму велат дека неколку лица, на возраст од 86 и 85 години, биле пронајдени во несвест утрово во нивниот потонат дом во крајбрежното село Политика, на околу 100 километри северно од Атина. Бебето е пронајдено во стан во приземје во истото село.
Локалниот градоначалник рече дека бебето и нејзиното семејство не биле од тоа место и дека се таму на одмор.
Голем дел од локалното население се искачи на покривите на зградите, а пожарникарите испратија спасувачки хеликоптер во областа.
Силниот дожд започна да паѓа синоќа околу полноќ, додека пожарникарите одговорија на над 50 пожари предизвикани од гром.
Противпожарната служба исто така соопшти дека добила повици од десетици луѓе за помош и им помогнала на многумина да извлечат вода од поплавените домови.
Многу локални патишта се непроодни, соопшти полицијата.
Бројни туристи се блокирани во кампот во таа област, јавува грчката новинска агенција „Ана“.
Покрај Политика, тешки оштетувања претрпеа и соседните села Бузи, Лефканти и Контодеспоти, како и блиските патишта, што спречи пожарникарите да стигнат до некои од погодените области.
Две реки во областа се прелеваат и патиштата се покриени со кал, соопштија локалните власти, цитирани од Агенцијата Франс-Прес.
Подземните подови на многу згради беа поплавени и семејствата требаше да се искачуваат со децата на терасите на куќите, јавуваат медиумите.
Властите ангажирале повеќе од 100 пожарникари и два хеликоптери за да помогнат во евакуација на заробените лица.