Во Бугарија денеска почнува кампањата за изборите за претседател и потпретседател и за новото Национално собрание, закажани за 14 ноември 2021 година.
Кампањата за парламентарните избори ќе заврши на 12 ноември, а за претседател и потпретседател на Бугарија ќе заврши на 19 ноември 2021 година, во случај да има втор круг од претседателските избори.
Според дописникот на МИА од Софија, за учество на парламентарните избори се пријавени 20 партии и седум коалиции, додека 24 партии, коалиции и иницијативни комисии имаат предложено кандидати за претседател и потпретседател, што е своевиден рекорд.
Централна изборна комисија на Бугарија во четврток ќе ги објави во Службен весник регистрираните листи на кандидати, како и имињата на кандидатите за претседател и потпретседател на Бугарија.
ЦИК веќе го одобри техничкиот модел и заштитата на гласачките ливчиња за заедничките избори.