Бугарското Национално собрание во понеделник, на вонредна пленарна седница, ќе расправа за гласањето недоверба на владата на Бојко Борисов, поднесено од опозициската БСП.
Предлогот за датумот на седницата го даде претседателот на Парламентот, Цвета Карајанчева, а доби поддршка од 172 пратеници, јавија бугарските медиуми.
Ова ќе биде петти обид на опозицијата за соборување на владата на Борисов. Темата за разгледување и гласање повторно е поврзана со корупцијата и ќе биде дискутирана во заднината на тековните протести во Софија и во голем број градови низ целата земја.
Левичарската опозиција во 2018 година првпат се обиде да ја собори владата на Борисов, врз основа на неговиот неуспех во областа на борбата со корупцијата. Другите три обиди во текот на последните две години беа поврзани со безбедносниот сектор, здравството и животната средина.
Гласањето во пленарна сесија ќе се одржи 24 часа по завршувањето на дискусиите.