сабота, 16. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Ципрас го отстрани речиси едногодишното ембарго за грчката телевизија Скај

Ципрас го отстрани речиси едногодишното ембарго за грчката телевизија Скај

По нешто помалку од една година забрана за членови и пратеници на СИРИЗА да се појавуваат на грчката телевизија Скај, премиерот на Грција, Алексис Ципрас, на неколку дена пред предвремените парламентарни избори на 7 јули реши да го отстрани ембаргото и да даде интервју за Скај, јави дописничката на МИА од Атина.
Оваа негова одлука ја соопшти преку неговиот официјален Твитер профил.

-Решив во вторник вечер да бидам на телевизијата Скај. И таму да се слушнат нашите аргументи, напиша Ципрас.

Преку официјалниот Фејсбук профил грчкиот премиер откри што стои во позадина и што било пресудно да го тргне ембаргото и да се појави на грчката телевизија. За време на предизборен митинг во грчкиот град Триполи му пришол маж на околу 60 години.

-Ми вели: „Сакам да ти кажам нешто. Штом Мицотакис не прифаќа дуел, оди ти на негов терен и остави го, ако сака да не се бори“. Му велам: „Што точно мислиш?“ Ми вели: „Оди во Скај и остави ги отворено да те прашаат сѐ што сакаат и да одговориш отворено. И остави го нека не доаѓа, штом нема храброст. Ти имаш храброст.“ Му реков: „Не е дека не си во право“. Па така решив во вторник вечер да се појавам на телевизијата Скај, објасни Ципрас на Фејсбук.

На 25 јули минатата година, само два дена по катастрофалниот пожар во Мати, од кабинетот на грчкиот премиер излегоа со соопштение во кое упатија остри критики до грчката телевизија Скај за објавените информации дека Ципрас планира да ги отстрани началниците на противпожарната служба и полицијата. Тогаш беше ставено ембарго за телевизијата, а речиси една година, ниту еден пратеник или член на СИРИЗА не се појави во информативните емисии на Скај. (МИА)