Подгорица, 17 август 2022 (МИА) – Собранието на Црна Гора утре треба да гласа за иницијативата за смена на владата на Дритан Абазовиќ, но исходот од тоа гласање се уште е неизвесен, пренесе Бета.
Смената на владата, само 50 дена по нејзиното формирање, побараа 36 претставници на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Социјалдемократската партија (СДП), социјалдемократите (СД), Либералната партија (ЛП) и Демократскиот сојуз на Албанците, што не е доволно мнозинство за гласање недоверба.
За пад на Владата потребен е гласот на 41 од вкупно 81 пратеник во Парламентот на Црна Гора.
На резултатот од гласањето може да влијае ставот на демократите на поранешниот претседател на Собранието Алекса Бечиќ, кои имаат девет пратеници и чие претседателство денеска треба да одлучува за ова.
Демократите во вторникот заедно со коалицијата собрана околу Демократскиот фронт (ДФ) поднесоа посебна иницијатива за смена на владата и изгласување недоверба на претседателката на Собранието, Данијела Ѓуровиќ, а таа седница е закажана за 2 септември.
Шефот на пратеничката група на демократите, Борис Богдановиќ, вчера изјави дека „има многу причини за падот на нелегитимната влада и парламентарното мнозинство“, но дека нивната одлука „нема никаква врска“ со потпишувањето на Основниот договор со Српската православна црква (СПЦ), која ја поддржа неговата партија.