Турција ќе продолжи со напорите за изнаоѓање решение за глобалната прехранбена криза, како што правеше и досега, и покрај повлекувањето на Русија од договорот поддржан од Обединетите нации (ОН), изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, јавува Анадолија.
– Како што знаете, околу една третина од светското производство на пченица се прави во Украина и Русија. Вие сте најблизок сведок на нашите напори да ја испорачаме оваа пченица до земјите загрозени од глад. Со заедничкиот механизам што го обезбедивме во Истанбул, овозможивме релативно намалување на кризата со храна, нудејќи му 9,3 милиони тони украинска пченица на светот, рече Ердоган на Осмиот турски светски медицински конгрес во Истанбул.
– Иако Русија се двоуми во овој поглед бидејќи не и се обезбедуваат истите бенефиции, ние ќе продолжиме со нашите напори да му служиме на човештвото, потенцираше Ердоган.
Изјавата на Ердоган дојде откако Русија во саботата објави дека го суспендирала учеството во договорот за извоз на украинско жито, по нападот врз нејзината црноморска флота.
На 22 јули Турција, Обединетите нации, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црното Море кои беа блокирани од војната меѓу Русија и Украина.
Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за да ги надгледува пратките.
По повлекувањето на Русија, Турција соопшти дека министерот за одбрана Хулуси Акар ги продолжува преговорите и координацијата со своите колеги за продолжување на извозот на жито.