Помошникот секретар на САД, Габриел Ескобар во вчерашното интервју за Топ Чанел ја згасна секоја надеж за Сали Бериша, јасно ставајќи до знаење дека и да победи на изборите тој ќе остане „персона нон грата“.
Нарекувајќи го „минато на земјата“, Ескобар рече дека САД се многу јасни во својот став кон лицата кои се санкционирани за корупција и поткопување на демократијата.
– Најпрво, мислам дека нашиот став за овој конкретен поединец е многу јасен. Но, би рекол дека не познавам ниту еден човек кој преку избори успеал да го смени определувањето на својата позиција од страна на Стејт департментот според нашето законодавство. Да, откако го кажав тоа, мислам дека Албанија има навистина извонредна иднина и треба да се фокусира на иднината. И има многу луѓе кои би сакале да ја влечат назад во минатото и мислам дека тоа не е место каде што Албанија сака да оди. Значи тоа е минато? Ако ме прашувате мене, дефинитивно, тоа е минато, изјави Ескобар во интервју за Топ чанел.
САД го прогласи Бериша за непожелен во мај 2021 годиниа, а во јуни минатата и Обединетото Кралство.
Постојаните критики и обвинувања на Бериша за американската амбасадорка Јури Ким, за Ескобар се неоправдани и воопшто недипломатски.
Тој се погрижи да нагласи дека позициите на амбасадорите во целина, а конкретно на Ким, не се лични ставови, туку „токму тоа сака да го каже и направи секретарот“.
– Би рекол дека во регионот сите наши амбасадори функционираат со целосна поддршка на државниот секретар и претседателот. Сите тие постапуваат во согласност со нашите вредности и политики. И жално е што некои наши амбасадори во регионот се најдоа на личен напад. Како прво, мислам дека е неоправдано. Но, второ, мислам дека тоа е исто така недипломатски, бидејќи она што го прави нашиот амбасадор е токму она што сака да го направи секретарот. Не е нешто лично. Тоа е прашање на политика. Мислам дека сите треба да го препознаат ова. И всушност, ако треба да додадам лично мислење, ние имаме еден од најдобрите амбасадори за надворешни работи што служи во Албанија. Значи тоа не е лична работа. Тоа е нешто професионално, додаде Ескобар.
Целта на неговата тридневна посета на Албанија, каде што имаше средби со премиерот Еди Рама, претседателот Бајрам Бегај, вршителот на должноста претседател на опозициската Демократска партија, Енкелејд Алибеај, како и претседателот на Партијата на слободата, Илир Мета, како што вели не биле само локалните избори што ќе се одржат на 14 мај.
– Мојата посета овде апсолутно не е поврзана со локални избори. Тоа е дел од редовните консултации што ги имаме со блиските сојузници. А Албанија е близок сојузник, рече тој, опишувајќи ја како земја со клучна улога во регионалната стабилност.
На крајот го спомена и случајот „МекГонигал“, што се однесува на поранешен висок функционер на ФБИ и обвинувањата за негова поврзаност со премиерот Еди Рама, посочувајќи дека „тој случај не влијаел на односите Албанија – САД“.