Европската Унија денеска соопшти дека очекува новата влада на Црна Гора, која е поддржана од просрпската и проруската коалиција „За иднината на Црна Гора“, да биде проевропска и да ги продолжи реформите неопходни за полноправно членство на земјата во ЕУ.
Портпаролот Петер Стано во писмена изјава за Радио Слободна Европа вели дека е јасно очекување на Брисел новата влада да ја води Црна Гора кон ЕУ.
Не е наше да коментираме кој ќе биде во новата влада, рече тој, додавајќи дека јасното очекување на ЕУ е новата влада во Црна Гора да одговори на аспирациите на мнозинството Црногорци да постигне напредок во пристапувањето на земјата кон ЕУ. Поради оваа причина, сите политички сили мора да работат заедно за спроведување на реформите, рече Стано.
На почетокот на неделата, мандатарот Милојко Спајиќ од „Движењето Европа сега“ постигна договор за нова малцинска влада која ќе биде поддржана од просрпската и проруската десница, а нејзиниот лидер Андрија Мандиќ ќе биде претседател на црногорскиот парламент.
Договорот предвидува реконструкција на владата следната година, кога, како што се предвидува, коалицијата на Мандиќ треба да преземе и министерски места во владата на Спајиќ.
Стано вели дека за ЕУ е важно новата влада во Црна Гора да биде „силна и проевропска“, како и да биде способна и посветена да ги продолжи реформите неопходни за полноправно членство на земјата во ЕУ.
– Ги охрабруваме сите политички актери во Црна Гора брзо да се фокусираат на градење консензус за приоритетните чекори неопходни за напредок на Црна Гора на нејзиниот пат кон ЕУ, особено во областа на владеењето на правото со цел да се исполнат привремените одредници од поглавјата 23 и 24, особено преку именување на испразнетите места во судството, посочи Стано.
Неодамна САД објавија дека се многу загрижени што новата владејачка коалиција во Црна Гора ја формираат партии и лидери кои активно се противат на евроатлантските вредности. Слични пораки претходно испрати и ЕУ.
Партиите кои ја сочинуваат просрпската и проруската коалиција „За иднината на Црна Гора“ го поддржуваат укинувањето на санкциите против Русија, не ја признаваат независноста на Косово, се противат на членството на Црна Гора во НАТО и го негираат геноцидот во Сребреница. (МИА)