Загрижени сме за актуелната криза во северно Косово, но длабоко сум убеденa дека е можно да се дојде до деескалaција и да се најде одржливо решение, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Долно Меѓурово, во близина на Ниш, каде што со претседателот Александар Вучиќ потпиша договор за изградба на автопатот Ниш – Приштина и каде започна изградбата на железничката делница Ниш – Брестовац, јави дописникот на МИА од Белград.
Таа нагласи дека сите се многу загрижени за актуелната криза и посочи дека поради тоа постои платформа преку дијалог со посредство на ЕУ.
– Додека зборуваме овде, разговорите се одвиваат во Брисел. Ова е добро затоа што разговарате едни со други, значи дека може да се најдат решенија. На регионот му требаат силни односи, истакна Лајен.
Коментирајќи ја кризата во северно Косово, Вучиќ изјави дека Србија „никогаш не ги условувала разговорите“.
– Дијалогот под покровителство на ЕУ за нас е нешто што е основно и на кое сме посветени. Се надевав синоќа дека ќе постигнеме договор (во Брисел), сакам да верувам дека сме блиску до решение за моменталната криза, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека Србија „е целосно посветена на имплементацијата на досега потпишаните договори спонзорирани од ЕУ“.
– Српската делегација во Брисел дава се од себе и прави напори да се постигне договор, а ние даваме се од себе за да го зачуваме мирот, наведе Вучиќ.