Секој кој ќе се вакцинира ќе добие потврда и ќе може да патува слободно, без да биде потребно да се тестира на границите, вели државниот министер на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчката телевизија „Мега“, јави дописничката на МИА од Атина.
Герапетритис како пример ги спомена тестирањата на сите оние кои во Грција влегуваат преку копнените граници и истакна дека со потврдата за вакцинација би се избегнало тоа.
-Очигледно е дека секој кој што ќе се вакцинира, ќе добива потврда дека ја примил вакцината и ова е и за да се избегнат двојните вакцинирања, односни секој само еднаш ќе се вакцинира, но и за лична употреба, за да може да ја користи оваа потврда, бидејќи во повеќе случаи може самиот пазар да ги регулира прашањата поврзани со заштитата, веќе постои поширока дискусија не на ниво на правила, туку на научно ниво, дали ќе треба да се гарантира безбедноста на транспортот со потврдата за вакцинација, објасни грчкиот министер.
Додаде дека се очекува во Грција, во текот на декември да стигне првиот дел од вакцините и во јануари да започне масовната вакцинација, а приоритет ќе имаат здравствените работници и ранливите групи граѓани.
-Вакцинацијата ќе биде доброволна, нема да биде задолжителна, но е многу важно да постои поширока будност кај граѓаните и информативна кампања за населението да сфати дека вакцината не е прашање на лична хигиена, туку прашање на колективна одговорност и општествена солидарност, истакна Герапетритис.
Објасни дека министрите од Владата ќе се вакцинираат меѓу првите и изрази надеж дека и лидерите на партиите и пратениците ќе се вакцинираат за да бидат добар пример за граѓаните.
Државниот министер рече дека постојат потешкотии поврзани со начинот на транспортот и чување на вакцината, но истакна дека веќе постој простори каде што ќе бидат фрижидерите.