Голем шумски пожар избувна попладнево на планината Пендели во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, огнените јазици се наоѓаат блиски до домови, а од жителите на една населба беше побарано да се евакуираат, јави дописничката на МИА од Атина.
За гаснење на пожарот од копно и воздух, интервенираат 78 пожарникари (28 се пожарникари од Романија, кои се во Грција), пет пешадиски тима, 22 противпожарни возила, 11 авиони и седум хеликоптери, пожарникари волонтери и цистерни од општините.
Од бројот за итни случаи 112 првично беше испратена порака до жителите на шест населби во близина на пожарот да бидат подготвени за евентуална евакуација, а помалку од половина час подоцна жителите на една од населбите добија нова порака да се евакуираат.
Силниот ветер од над осум бофори (над 65 километри на час) брзо го шири пожарот и дополнително го отежнува гаснењето на пожарот.
Од противпожарната служба на Грција соопштија дека по наредба на началникот сите противпожарни служби од Атика се во општа готовност.