петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Грција: 33 потврдени и 98 сомнителни случаи на oмикрон

Грција: 33 потврдени и 98 сомнителни случаи на oмикрон

Во Грција потврдени се 33 случаи на варијантата Омикрон, од кои 18 се на островот Крит, додека пак постојат 98 сомнителни случаи, кои се испитуваат, но 98-99 отсто е сигурно дека и тие се Омикрон, соопшти претседателот на Националната организација за јавно здравје Теоклис Заутис, јави дописничката на МИА од Атина.

Објасни дека заразените имаат благи симптоми, само две лица биле хоспитализирани, но без да постојат компликации од вирусот.

Паралелно додаде дека се очекува и во Грција да се зголеми бројот на новата мутација, а со новите мерки целта е да се намали ширењето.

Во однос на дневните податоци за Ковид-19, во изминатите 24-часа беа регистрирани 6.667 нови случаи, почина 71лице, а 655 пациенти се приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во грчките болници, од кои 548, односно 83,66 отсто се невакцинирани или делумно вакцинирани.

На денешната редовна прес конференција за текот на пандемијата во Грција, професорката Вана Папаевангелу соопшти дека во земјата има околу 37.000 активни случаи, а намален е бројот на хоспитализирани и се помалку од 3.000 лица.

Од почетокот на пандемијата во земјата се потврдени 1.056.583 случаи на Ковид-19, а починаа вкупно 20.198 лица.