Со исклучок на супермаркетите, аптеките, бензинските пумпи, банките, пекарите, продавниците за миленичиња, месарниците, трафиките, доставата на храна, сервисите за поправка на автомобили, сите други останати продавници во Грција, од денеска ставаат клуч на врата и влегуваат на листата превентивни мерки на грчката Влада за да се спречи ширењето на коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.
Дополнителна мерка на грчката Влада е и забрана за влез во земјата за државјани на трети земји, односно на земји што не се членки на Европската унија, што од шест часот утрово, стапи во сила.
Во Грција вчера беше регистрирана петата жртва од Ковид-19, а вкупниот број на заразени со коронавирусот се зголеми на 387.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, им се обрати на граѓаните, велејќи дека земјата е „во војна со невидлив, но не и непобедлив непријател“.
Во десетминутната видео порака Мицотакис се задржа на последиците врз економијата, на зајакнувањето на здравствениот систем во земјата, на личната одговорност на граѓаните, на потребата сите да останат дома и истакна дека „се наоѓаме на почетокот на битката, која што ќе биде тешка, особено во следните два месеци“.
-Во следните два месеци опасноста ќе добие гигантски димензии. Затоа и ќе следат нови ограничувања. И ќе треба сите да покажеме дисциплина. Оние кои се однесуваат несоцијално, парадигматски, ќе се казнуваат. Зошто ќе имаат сторено двојно кривично дело: Против законот и против животот. Истото важи и за оние кои го шират вирусот на дезинформациите со неосновани гласини. Бидејќи паниката е исто толку опасна како и болеста, порача Мицотакис.
Истакна дека владата е на нивно на задачата, но победата ќе дојде само ако сите бидат „дисциплинирани војници“, бидејќи „непријателот е невидлив и подмолен“.
-Затоа останете безбедни, останете дома!, порача грчкиот премиер во второто обраќање во изминатите шест дена и самиот рече дека често ќе комуницира со јавноста и тој лично да ја информира за владините одлуки и планови.
Порака до граѓаните да останат дома испрати и Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција, преку бројот за итни случаи 112.
– Генералниот секретаријат за цивилна заштита 17.03: Коронавирус: Во критична фаза сме. Останете дома. Лимитирајте го движењето на апсолутно неопходно. Заштитете ги ранливите групи граѓани. Колку повеќе се самоизолираме, толку ќе го забавиме ширењето, пишува во пораката испратена на грчки и англиски јазик на мобилните телефони од сите грчки оператори.