Две хируршки маски или една, ама ако е од најефикасните КН95 ќе се признаваат во супермаркетите и јавниот транспорт во Грција од 3 јануари догодина, најави Танос Плеврис, грчкиот министер за здравство. Новите рестрикции се воведуваат откако денеска нашиот јужен сосед забележа рекордни 9.284 нови заболени од коронавирусот.
– Очигледно, омикрон-сојот се прошири низ целата земја, особено во поширокото подрачје на Атина, каде што се забележани голем број случаи – изјави министерот Плеврис.
Мерките предвидуваат и локалите да затвораат на полноќ, а бројот на гледачи на фудбалските стадиони да биде ограничен на 10 отсто од капацитетот на стадионот. Работата од дома ќе биде задолжителна во приватниот сектор во ситуации кога тоа е можно, а посетите во домовите за стари лица ќе бидат дозволени само на лицата кои ќе покажат негативен ПЦР тест.