Едно лице загина во невреме кое го погоди Шибеник и околината, а предизвикана е голема материјална штета, јавија хрватските медиуми.
Во морето кај Жабориќ утрово е пронајдено телото на еден 49-годишен рибар кој синоќа околу полноќ за време на бура паднал во морето од рибарски брод во близина на островот Крапањ.
Националниот центар за трагање и спасување на море Ријека половина час пред полноќ ја известил Станицата за поморска полиција Шибеник дека член на екипажот на рибарски брод паднал во море и од тогаш почнала потрагата по него.
Невремето кое го погоди тој дел на Хрватска околу 23 часот, корнело стебла, уништувало автомобили, а многу бродови се насукани.
Според податоци на Центарот 112, во невремето биле оштетени околу 20 автомобили, а примени се пет повици за спасување на море.