Во експлозија која утрово се случила во една зграда во Милано, шест лица биле повредени, од кои едно потешко, пренесуваат италијанските медиуми.
Најтешко е повреден 30-годишен маж кој се здобил со изгореници од втор и трет степен по целото тело, наведува “Ansa”.
Како што е наведено, во приземјето на зградата избил пожар кој го зафатил и првиот кат, а се верува дека причината е протекување на гас.
Еден од станарите на зградата рекол дека го разбудила експлозија и дека по скалите тргнал кон приземјето на зградата, каде го видел повреденото момче со изгореници по телото, додавајќи дека имало урнатини и пламени.
На местото на несреќата на плоштадот Либија во Милано биле пратени возила на итна помош, полиција и пожарникари.
Пожарникарите трагаат по некои луѓе кои веројатно го напуштиле тоа подрачје поради експлозијата која се случила утрово во 7:20 часот, пренесуваат локалните медиуми.
Како што наведува порталот |Milantodas.it”, од плоштадот јасно се гледаат последиците од експлозијата.