Грција е целосно подготвена за бегалските бранови од Украина, но и бара Европската Унија да создаде механизам за распределба на луѓето, за секоја од членките да знае колку бегалци ќе треба да згрижи, објасни портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Иконому додаде дека во следниот период со одлука на Европската Унија ќе се активираат одредби што ќе им даваат можност на бегалците за 12-месечна дозвола за престој и работа во земјатата
-Во секој случај, координирани сме со партнерите на сите ниво, па така и за конкртеното прашање, а Грција побара формирање механизам за распределба на луѓето што ќе бидат принудени да си заминат од нивните домови и во оваа насока сме координирани со одлуките на партнерите и Европската унија, рече портпаролот на грчката Влада.
Во изминатите денови во Грција пристигнаа неколку автобуси со украински државјани, но сепак станува збор за мал број, а Иконому рече дека овие луѓе се сместени кај нивни роднини или сами си обебзедиле сместување, а Владата доколу е потребно ќе ги преземе сите неопходни мерки .
На новинарско прашање дали доколку од сите земји- членки се побара да испратат во Полска воени авиони и пилоти за зајакнување на украинската одбрана и што во тој случај би направила Грција, Иконому истакна дека земјата „е целосно усогласена со нејзините партнери и сојузници во справувањето со руската инвазија во Украина“, додавајќи дека со конкретен став ќе излезат по завршувањето на состанокот на министрите за одбрана.
За одлуката да испратат воен материјал во Украина, објасни дека „Грција е јасна и непоколеблива пред постапки што претставуваат ревизија на меѓународните договори и на меѓународното право и пред руската инвазија во Украина“.
-Јасна и непоколеблива значи, не само да осудуваме, туку и да бараме и да поддржуваме санкции како што прават нашите партнери и сојузници. Значи практично и активно да го поддржиме украинскиот народ што во овој момент е погоден од инвазијата на Русија. Не треба да држиме дистанца, не треба да го поистоветуваме насилникот со жртвата, рече Иконому, додавајќи дека „неопходни се интервенции за поддршка на Украина и украинскиот народ“.
Дополнително истакна дека Грција беше меѓу првите земји што испрати хуманитарна помош и одбранбен материјал во Украина.
Иконому на брифингот, неколку пати повтори дека Грција, за сите одлуки е во координација и усогласеност со Европската Унија и НАТО.