Поранешниот хрватски премиер и претседател на ХДЗ, Иво Санадер, денеска е прогласен за виновен и осуден на осум години затвор за извлекување пари од маркетинг агенцијата „Фими Медиа“.
Во овој случај, неговата партија ХДЗ беше прогласена за одговорна за корупција.
Во пресудата, меѓудругото, се наведува дека Санадер, во својство на поранешен премиер и претседател на ХДЗ, со неговите соработници Младен Баришиќ и Бранка Павошевиќ, организирал група луѓе да извршат злосторства.
Наведено е дека во периодот од 2005 до 2009 година, Санадер за да добие материјална корист и наредил на Бранка Павошевиќ во деловните книги да не ги бележи парите што му се предадени на Баришиќ.
Се додава дека дел од тие пари Санадер задржал за себе, а осум милиони куни биле искористени за финансирање на ХДЗ.
-Од 24 милиони куни, осум заминале во ХДЗ, дел му биле дадени на Санадер за патување во САД и за одела, прочита судијата.
Осумгодишната затворска казна на Санадер го вклучува и времето минато во истражниот затвор.
Инаку, ниту Санадер ниту другите обвинети не присуствуваа на судењето.