По барање на Интерпол, кипарската полиција го пронашла и го сослушала 43-годишниот Русин, поранешен сопственик на бродската компанија, која во Бејрут пренела амониум нитрат, објавија медиумите од островот.
Портпаролот на полицијата на Кипар, Христос Андреу за кипарската новинска агенција ЦНА рекол дека по комуникацијата со Интерпол во Либан и „во рамките на меѓународната полициска соработка беше пронајден 43-годишнниот жител на Кипар во врска со карго бродот конфискуван на пристаништето во Бејрут во 2014 година“ и бил повикан да даде одредени информации за конкретниот брод, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на кипарската полиција демантирал дека 43-годишниот има кипарско државјанство.
Медиумите во Кипар, повикувајќи се на информациите од руски медиуми објавија дека амониум нитратот што веројатно е и причината за големата експлозија, пристигнал во Бејрут во септември 2013 година со карго бродот „Rhosus“, тогаш во сопственост на 43-годишниот Русин сослушан од полицијата на Кипар . (МИА)