Во Белград денеска ќе престојуваат специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар.
Лајчак ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а потоа ќе им се придружи и Ескобар, специјалниот пратеник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан. По тие две средби не се планирани изјави, јави Бета.
Ескобар во Белград ќе се сретне и со министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
Официјалните претставници на ЕУ и САД доаѓаат во Белград од Приштина во време на зголемени тензии во северно Косово, каде Србите поставија блокади на патишта по неодамнешното апсење на поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ.
Главните патишта на северот на Косово се блокирани, а на премините Јариње и Брњак не може да се помине ниту пеш. Тензиите на северот на Косово се зголемија откако претставниците на Србите ги напуштија косовските институции на 5 ноември.