Претставниците на ЕУ и САД, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар денеска од Приштина ќе пристигнат во дводневна посета на Белград, во обид да спречат нова ескалација на тензиите на северот на Косово, јави БЕТА.
Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, и Ескобар, американски заменик помошник државен секретар и специјален претставник на САД за Западен Балкан, ги интензивираа своите дипломатски активности по минатонеделните неуспешни преговори меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел.
Во Брисел, Вучиќ и Курти не успеаја да го решат спорот за реципрочните мерки на косовската Влада за пререгистрацијата на возилата со српски таблички и издавањето документи за влез и излез, но се договорија да продолжат со преговорите преку посредници.
Вучиќ попладнево прво ќе разговара со Лајчак, а потоа ќе им се придружи и Ескобар.
Пред пристигнувањето во Белград, Лајчак и Ескобар денеска во Косовска Митровица ќе разговараат со претставници на Србите.