Специјалниот пратеник на Европска Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак попладнево допатува во ненајавена посета на Косово и веднаш замина во Владата на средба со премиерот Албин Курти.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, информацијата ја објави портпаролот на косовската влада, Перпарим Криезиу, кој на неговата страница на Фејсбук напиша дека тоа е причината поради која Курти ја напушти седницата на Собранието на Косово, на која се дебатира за актуелниот штрајк во образованието.
-Премиерот Курти од 14 часот е на средба со Специјалниот пратеник на Европската унија, Мирослав Лајчак. Потоа ќе ја продолжи дневната агенда со официјални средби. Ова е причината зошто не можеше да остане подолго во Собранието, напиша Криезиу.
Засега нема никаква информација за целта на посетата на Лајчак, додека медиумите шпекулираат дека се подготвува нова средба на Курти со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. (МИА)