недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Локални избори во Албанија

Локални избори во Албанија

Во Албанија денеска се одржуваат локални избори на кои граѓаните избираат нови градоначалници и 1.063 членови на советите во 61 општина.

Со одредени проблеми околу функционирањето на апаратите за електронска идентификација, во неколку избирачки места, и вообичаената слаба излезност во првите часови, од нешто над 2 отсто до 9 часот, изборниот процес се одвива непречено во 5211 избирачки места кои беа отворени во 7 а ќе бидат затворени во 19 часот.

Право на глас имаат 3.653.988 албански граѓани, а за првпат гласаат 122.545 лица.

На изборите свои кандидати имаат 44 партии, од кои 38 се надвор од двете коалиции „Заедно победуваме“ предводена од партијата на Илир Мета и „Десна либерална алијанса“ предводена од партијата на Артур Роши.

Оваа недела за градоначалник во трка се 144 кандидати, а за совети на општините 23.762 кандидати, што е до сега највисока бројка на кандидати и за градоначалници и за советници.

Од вкупно 61 општина, електронско гласање и броење има во три општини со 401 избирачко место и тоа општина Вора, Камез и Елбасан каде резултатот се очекува да биде објавен 30 минути по завршувањето на гласањето на граѓаните.

Во Елбасан има 224 избирачки места со 171.225 лица со право на глас, во Камез има 133 со 108.799 гласачи и во Вора 44 избирачки места со 30.822 гласачи.

Освен набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДХИР, која брои 324 набљудувачи и ја предводи амбасадорката Одри Гловер, истите ги набљудуваат и претставници на повеќе држави, како и дипломатски претставништва во земјата.

На последните локални избори одржани во јуни 2019 година, кои ги бојкотираше обединетата опозиција, градоначалници на 60 општини станаа кандидатите на Социјалистичката партија а само во општина Финиќ, населена главно со припадници на грчкото малцинство, победи кандидат на Партијата МЕГА.