Дали по 10 јануари ќе бидат продолжени строгите мерки на границите на Србија, кои за странските државјани вклучуваат задолжителен негативен ПЦР-тест или десетдневен карантин за српските граѓани кои се враќаат, исклучиво ќе зависи од епидемиолошката состојба, изјави денеска српскиот министер за здравство Златибор Лончар.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, тој апелираше до сите да не излегуваат прерано со ставови дека мерките ќе бидат олабавени, ќе останат исти или ќе бидат построги, бидејќи тоа предизвикува конфузија кај граѓаните.
Како што кажа, сè ќе зависи од епидемиолошката состојба во тој момент – колку прегледи има, колку лица се заразени, пополнетоста во болниците, покриеноста со вакцинација.
– Само врз основа на тоа ќе донесеме мерки. Нашата цел не е да малтретираме некого и да го отежнуваме патувањето. За нас заштитата на граѓаните и здравствениот систем е на прво место, рече Лончар.
Тој додаде дека, ако ситуацијата е добра, ќе се стори се што е можно за полесно влегување и излегување на граѓаните во Србија.
– Се зависи од нас. Ако постапиме според препораките, ќе имаме подобри резултати, ќе можеме да ги релаксираме тие мерки, рече Лончар.
Тој информира дека досега повеќе од 3.000 корисници во домовите за стари лица и околу 4.000 здравствени работници примиле вакцина против коронавирус и дека планот е до крајот на неделава да се вакцинираат уште околу 3.000 лица.
Лончар исто така рече дека е направен распоред и план за имунизација и дека 95 отсто од вакцините се веќе на локациите каде што ќе бидат применети. (МИА)