Францскиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџија Мелони пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува денеска во Тирана дадоа куси изјави, откако беа пречекани од премиерот Еди Рама.
Макрон рече дека војната во Украина е безбедносно прашање за целиот регион, додавајќи дека енергетиката и процесот на интеграција се две други важни прашања за кои денеска ќе разговараат лидерите на регионот и на Европската унија.
-Среќен сум што сум денеска во Албанија, му благодарам на премиерот Рама за овој важен самит. Во рамките на чешкото претседавање имаме конкретни проекти за разговор. Важно е да има конкретни проекти за енергетиката и процесот на интеграција. Важно е да се работи на понатамошна солидарност. Ќе имаме можност да подготвиме заклучоци за енергијата, додаде Макрон.
За првпат по преземањето на функцијата, во Тирана допатува и италијанската премиерка, Џорџија Мелони, која во кусата изјава за медиумите рече „имаме голема одговорност кон балканските земји“.
-Ние имаме голема одговорност кон земјите од Балканот, особено по руската агресија. Важно е да се заврши процедурата за членство и има многу прашања на кои треба да работиме заедно, за економијата, кибер-безбедноста и други прашања, за кои знаете дека Италија е посветена. Ќе дадеме се од себе, сметајте на Италија, изјави Мелони.