Медицинска сестра од Одделението за интензивна нега во атинската болница „Евангелисмос“ и повозрасен граѓанин згрижен во дом за стари лица, беа првите грчки граѓани кои претпладнево ја примија вакцината за Ковид-19 на Фајзер/БиоНТек, а целиот процес на вакцинација во Грција, во живо го пренесуваат грчките телевизии, јави дописничката на МИА од Атина.
Со насмевка на лицето и подигнат палец на раката, во знак дека сѐ е во ред, медицинската сестра Евстатиа Камбисиули, ја прими вакцината, а воедно е првата вакцинирана Гркинка.
Половина час подоцна, беше вакциниран и 88-годишниот Михалис Јованидис кој е сместен во дом за стари лица.
Кусо пред официјалниот почеток на вакцинацијата во Грција, во болницата „Евангелисмос“, пристигна и министерот за здравство Василис Кикиљас.
– Денеска е прв ден од одбројувањето за да си ги вратиме назад нашите животи, изјави Кикиљас.
Во периодот од 14 до 17 часот по локално време во две различни болници во Атина, вакцината ќе ја примат претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, потоа, грчкиот претседател Кирјакос Мицотакис, а ќе следат шефот на Комисијата на епидемиолози Сотирис Циодрас, претседателот на Парламентот Константинос Тасулас, генералниот секретар на партијата МЕРА25 Јанис Варуфакис, претседателката на Националната комисија за вакцинација Мариа Теодориду, началникот на Генералштабот на грчката армија Константинос Флорос и митрополитот Јеротеос, како претставник на поглаварот на ГПЦ.
Паралелно денеска започнува и вакцинацијата на здравствените работници во пет атински болници.
Грција завчера ја доби првата пратка од 9.750 дози на вакцината од Фајзер/БиоНТек.