Лидерот на Партијата на слободата и до средината на минатата година претседател на Албанија, Илир Мета, предупреди дека надворешниот долг на земјата ќе надмине 107 отсто од бруто домашниот производ.
Според него, долгот би можел да биде и повисок, по најавата на Владата за задолжување со еврообврзница, шеста по ред, за што веќе избрала законски консултант.
-Владата повторно ќе се задолжи со 500 милиони евра, а оваа сума може да биде и повисока. Во услови кога, како резултат на поскапувањето, Владата инкасира 520 милиони американски долари а тука и издадената еврообврзница од 650 милиони евра во ноември 2021 година, крајно сомнително е задолжувањето со најмалку 500 милиони евра, со што јавниот долг достигнува 107 проценти а може да има уште повисоки вредности, рече Мета на прес-конференција.
Според него, „транспарентноста и отчетноста пред јавноста, во услови кога следниот долг од најмалку 500 милиони евра повторно ќе ја оптовари, е непремостлива обврска“.
Оценувајќи ја состојбата со нивото на јавниот долг, како критична, Мета упати повик до Собранието и до странските и домашните финансиски институции „што поскоро да направат вистинска и транспарентна проценка на јавниот долг, вклучувајќи ги сите тековни и очекувани обврски на Република Албанија”.
Повикувајќи се на последниот извештај на Светска банка тој рече дека во 2023 година Албанија ќе биде земја со најнизок економски раст во споредба со земјите од регионот.
-Така, Албанија продолжува да биде најмалку конкурентна земја во регионот. Прашање, кое со право се наметнува во овој случај, е како е можно додека се зема долг по долг, тоа да не носи никаков позитивен ефект за економскиот раст и развој на државата, напротив, проекциите на престижни меѓународни институции зборуваат за влошување на економските и социјалните показатели, констатира Мета.