Српската вицепремиерка и министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ денеска изјави дека идејата за зелени коридори, произлезена од земјите членки на ЦЕФТА, Европската унија и Западен Балкан, треба да придонесе за побрзи и поефикасни премини преку границите, со оглед на тоа дека чекањето трае со часови, јави дописникот на МИА од Белград.
-Минатата недела Владата на Србија донесе одлука за зелените коридори и започнуваме со имплементација. Тоа е посебен систем и режим со цел да се направи сé што е потребно на граничните премини на најбрз и најефикасен начин. Ние веќе го испробавме тоа за време на вонредната состојба -кога станува збор за меѓународниот транспорт, оцени Михајловиќ во соопштението од нејзиниот кабинет.
Михајловиќ истакна дека чекањето на границите чини многу – и време и пари.
-Секоја година на граничните премини се чека 27 милиони часови. Тоа ги чини земјите од Западен Балкан 300 милиони евра. Очекуваме брзо спроведување на оваа одлука кон Северна Македонија, Црна Гора и БиХ и исто така го покренавме прашањето за зелените коридори и со земјите од ЕУ. За еден или два месеци, можеме да очекуваме резултати, бидејќи ова прашање е важно за економијата и економскиот развој, кажа Михајловиќ.