Не можеме да зборуваме за безбедноста во Црното Море без да зборуваме за безбедноста во Украина и Република Молдавија. Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков на Првата конференција за безбедност на црноморскиот регион под покровителство на Кримската меѓународна платформа во Букурешт. Тој учествуваше како панелист на вториот панел на форумот на тема „План за денес. Непосредни одговори на актуелните закани и предизвици во проширениот регион на Црното Море“.
Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
„Црното Море е раскрсница, крстопат кон Запад, кон Кавказ, Источен Медитеран, Блискиот Исток, како и Западен Балкан. Важна транзитна точка меѓу Европа и Азија. Регионот стана суштински во стратешката конкуренција меѓу Русија и Западот, а војната во Украина создаде сосема нова безбедносна средина. Агресијата не е само против Украина, туку и против безбедноста и стабилноста на континентот“, рече бугарскиот дипломат. Тој ја сподели потребата за колективен пристап и изрази надеж дека ќе бидат преземени одлучни чекори во оваа насока на состанокот на самитот на НАТО во Вилнус, кој претстои во јули.
„Ако ги прашавме европските граѓани пред неколку години дали се за тоа Европа да стане глобална, стратешка сила, вклучително и во областа на одбраната, одговорот веројатно ќе беше ‘да’. Во минатото, на прашањето дали поддржуваат огромни трошоци за одбрана од националниот буџет, европските граѓани веројатно би рекле ‘не’. Мислам дека сега и двете прашања би добиле позитивен одговор. Потребно е ново размислување, нов пристап“, вели Николај Милков.
Тој нагласи колку се важни транспортните врски и логистиката и додаде дека војната во Украина само го докажала тоа. „Ние работиме напорно во оваа насока со нашите партнери од Грција и Романија за модернизација на постоечката инфраструктура и тука, од Букурешт, е најсоодветното место да се повика на забрзана изградба на трет мост на Дунав“, рече бугарскиот министер за надворешни работи.
„Исклучително важен е и нафтоводот Бургас-Александрополис, кој ќе овозможи увоз на сурова нафта од целиот свет во рафинеријата во Бургас. Тој е важен за целиот регион бидејќи е најголем во Југоисточна Европа. Од производството на оваа рафинерија 40 отсто сега оди во Украина“. (МИА)