Се договоривме да продолжиме да работиме за продлабочување на позитивната клима во грчко-турските односи, која беше воспоставена во последните месеци и јасно го дефиниравме нивото на контакти и средби за следниот период, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, соопштувајќи дека се договориле следниот Висок совет за соработка да се одржи на 7 декември во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис и Ердоган се сретнаа во Њујорк на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, а грчкиот премиер по средбата истакна дека имале продуктивна дискусија во присуство на министрите за надворешни работи и дипломатските советници.
Ги одредиле следните чекори во билатералните односи на ниво на политички дијалог, мерки за градење доверба, но и промоција на позитивната агенда, а исто така, како што рече Мицотаки, разговарале и за предизвиците со кои се соочуваат двете земји.
-Посебно ќе се задржам на проблемот со нелегалната имиграција, каде што сметам дека е неопходна соработката на Турција за да се сведат на минимум мигрантските бранови, рече Мицотакис.
Додаде дека разговарале и за климатската криза, со оглед на тоа што Грција и Турција се две медитерански земји, „кои и ова лето беа соочени со значителни природни катастрофи, производ на глобалното затоплување и климатската криза, која е веќе присутна“.
-Верувам дека ова поле на соработка може дополнително да се истражи, за да биде предмет на некои конкретни договори, кои ќе бидат потпишани во рамките на Високиот совет за соработка, во декември во Солун, додаде грчкиот премиер.
Веднаш по средбата, што е втора во период од два месеци, од кабинетот на Мицотакис соопштија дека „двајцата лидери ја потврдија позитивната атмосфера во односите меѓу Грција и Турција и нивната силна волја за задржување на оваа клима“.