По масовното убиство во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград, против 82 ученици на возраст над 14 години поднесени се кривични пријави за загрозување на безбедноста и ширење паника и неред преку социјалните мрежи, во периодот од 3 мај до 7 јули, соопшти МВР на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Во анализата на белградскиот портал Н1, според соопштенијата на МВР, станува збор за ученици кои биле кривично одговорни во моментот на делото, односно биле постари од 14 години. Од вкупно 82 ученици против кои беа поднесени кривични пријави, 29 се приведени и спроведени до правосудните органи за понатамошно постапување.
Масовните убиства во „Рибникар“ на 3 мај и во Дубона и Мало Орашје кај Младеновац, на 4 мај, предизвикаа низа објави, пријави, инциденти на социјалните мрежи на малолетници, кои може да се сумираат под поимот „имитација“ на кривични дела.
Така, на денот кога се случи страшната трагедија во која беа убиени осум ученици и еден чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“, се појави видео на кое децата „си играат“ пукајќи на соучениците во училницата.
Ден по трагедијата, седмоодделенец од основното училиште „Јефимија“ во Обреновац извади пластичен пиштол, веднаш по минутата молчење за смртта на децата и чуварот во „Рибникар“. Полицијата добила повик од ОУ „Десанка Максимовиќ“ во Белград, со информација дека е пронајден список со имињата на деца кај деветгодишно момче кое посетува трето одделение. Инцидент „инспириран“ од трагедијата во Рибникар се случил и во основното училиште „Милоје Васиќ“ кога еден од учениците преку социјалните мрежи се обидел да имитира дел од постапките на К.К.
Ден по злосторството, полицијата приведе поранешен ученичка во гимназијата „Руѓер Бошковиќ“, која со нож повреди ученик и наставничка во тоа училиште во Белград.
Неколку дена по злосторството, во Суботица е уапсен малолетник, според извештајот на ФБИ, кој прогуглал како се прави бомба.
Во Пожега сослушани се двајца ученици од гимназијата во тој град – едниот се снимил и во живо го емитувал видеото со порака дека ќе ги убие учениците од училиштето, додека другиот ученик емитувал видео во живо на кое симулира пукање во деца.
Во Зрењанин е уапсен 19-годишно момче, осомничено дека преку мобилна апликација поставил цртеж на група од неговиот клас, на кој е прикажана училница со крвави ликови како лежат покрај клупите, додека еден од нив држел сличен предмет на пиштол.
Шефот на Специјалното обвинителство за високотехнолошки криминал, Бранко Стаменковиќ, на почетокот на мај изјави дека и најмалку заканувачките пораки на социјалните мрежи ќе бидат проверени до крај, а тоа вклучува и утврдување на локацијата на емитувањето, претрес и апсење.
Малолетната (14) од Футог кај Нови Сад неодамна беше ослободена од притвор каде што беше задржана два месеци поради сомнение дека шири паника по масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград на 3 мај.
Според законските прописи во Србија, малолетник е лице кое во времето на извршувањето на кривичното дело наполнило четиринаесет години, а не навршило осумнаесет години.
На малолетниот сторител на кривично дело може да се применат една или повеќе воспитни налози за кривично дело за кое е пропишана парична казна или затвор до пет години, според кривичното дело и жртвата.