Босна и Херцеговина може уште годинава официјално да добие кандидатски статус за членство во Европската Унија, истакна синоќа австрискиот канцелар Карл Нехамер.
Тој, по Европскиот совет, изјави дека има промена на парадигмата. Според него, Босна и Херцеговина повторно се најде во фокус, иако Украина и тамошната војна се доминантни теми.
Тој потсети дека земјата мора да спроведе 14 реформски точки, бидејќи досега направила премалку.
Доколку земјата сега ја спроведе реформата на изборниот закон и Уставот, Нехамер е уверен дека тогаш има јасна шанса да добие кандидатски статус, а штом ги исполни сите 14 претходно поднесени барања, можно е да започне и пристапни преговори.
Нехамер пренесе дека од Самитот е испратена порака до Европската Комисија да се забрза процесот за кандидатите.
– Тоа уште годинава ќе донесе резултати, смета австрискиот канцелар.