петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Нетанјаху – Мицотакис: Поддршка од Грција за Израел

Нетанјаху – Мицотакис: Поддршка од Грција за Израел

Правото на Израел на самоодбрана согласно меѓународното право и потребата да се заштитат цивилите, да се ослободат Израелците кои се држат во заложништво од Хамас и да се избегне хуманитарна криза, ги истакнал грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на средбата со неговиот израелски колега Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицоткис, како што соопштија од неговиот кабинет, ја изразил „згрозеност и болка поради терористичките напади на Хамас против Израел“, а Нетанјаху му се заблагодари за поддршката, истакнувајќи дека е потребна обединетост против Хамас.

-Секогаш велам дека најдоброто нешто освен поддршката за Израел, е да си во Израел. Во Израел, како што си ти. Ги ценам вашата солидарност, вашата Влада и грчкиот народ, во овој мрачен час. Ова е битка на цивилизацијата против варварството. Ние сме на страната на цивилизацијата и мораме сите да се обединиме против Хамас, кој е Исламска држава (ИСИС), порача Нетанјаху на почетокот на средбата со Мицотакис.

Грчкиот премиер посочи дека е во Израел, не само како сојузник, туку и како вистински пријател.

-Од првиот момент Грција го одбрани и го поддржа правото на Израел на самоодбрана, според меѓународното право. Направивме многу јасна разлика меѓу Хамас и палестинскиот народ. Ќе продолжиме да ве поддржуваме и се надеваме дека што и да се случи мора да се случи без голема хуманитарна цена. Можете да сметате на нашата поддршка, на нашата помош, рече Мицотакис.

Денешната посета на грчкиот премиер на Израел не беше претходно најавена, иако беше очекувано дека во некој момент ќе се реализира, со оглед на тоа што минатата седмица беше откажана од безбедносни причини.  (МИА)