четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Нов пожар избувна во близина на Атина, пожарите на Крф згаснуваат

Нов пожар избувна во близина на Атина, пожарите на Крф згаснуваат

Пожарникарите и денеска се обидуваат да ги локализираат пожарите кои веќе две недели беснеат во Грција и во кои загинаа пет лица, пред да се очекува повторно ширење од силниот ветер.

Меѓу медитеранските земји кои се борат со горештините и пожарите, се издвојува Грција, особено на туристичките острови Родос, Крф и Евија, како и во Тесалија од вчера.

Овој нов огнен фронт, на периферијата на урбаните области, вчера доведе до смрт на две лица. Со овие два смртни случаи, вкупниот број на загинати за два дена се искачи на петмина, што е еднакво на бројот на жртви во Италија кои ги загубија животите или во невремето на север или во пожари на Сицилија.

Тие пожари стивнуваат, рекоа локалните власти, иако владата прогласи вонредна состојба по еднодневните високи температури и пожари. Алжир е најтешко погоден, со 34 жртви како резултат на пожарите.

„Живееме во многу опасни летни денови, исто како и другите девет медитерански земји“, изјави вчера грчкиот министер за цивилна заштита Василис Кикилијас, откако во вторникот избувнаа пожари во Португалија и во Хрватска.

Во Бугарија, каде температурата се искачи до 42 степени, вчера е прогласена вонредна состојба во регионот на Хасково, во близина на североисточната граница со Грција, поради пожар што се проширил на планините Родопи. Во Грција, Цивилната заштита стави под „екстремен ризик од пожар“ одреден број области во 7 региони на земјата, вклучително и некои во Тесалија.

Утрово, официјален претставник на противпожарната служба изјави за телевизискиот канал ЕРТ дека „сите фронтови во Тесалија“ сега се „управливи“, без загрозени населени области. Според грчката агенција АНА, на Родос, каде минатата недела беа евакуирани 20.000 луѓе, пожарот повторно избувнал во селата Вати и Генади.

Од друга страна, пожарот на Крф се намалува. Уште еден пожар избувнал рано утринава во предградијата на Атина, но тој брзо е изгаснат.

Научниците од групата World Weather Attribution (WWA) веруваат дека топлотните бранови што погодија делови од Европа и Северна Америка во јули се резултат на климатските промени поврзани со човековата активност.

Тие „веќе не се исклучителни настани“, но во иднина „ќе бидат уште поинтензивни и почести доколку емисиите не се намалат брзо“, заклучиле истражувачите.