понеделник, 1. јануари 2024. Вести денес: 0
home Регион

Нов случај на Ковид-19 кај мигрантка во Грција

Нов случај на Ковид-19 кај мигрантка во Грција

Позитивна на Ковид-19 е бремена бегалка од Сомалија сместена во хотел за бегалци и мигранти во надлежност на Меѓународната организација за миграција, а се наоѓа на Пелопонез, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за миграција и азил на Грција соопштија дека 28-годишната жена, која што е во шестиот месец од бременоста, вчера, од други причини, неповрзани со коронавирусот, побарала лекарска помош во една грчка болница, каде што меѓу другото, иако немала симптоми и бил направен тест за Ковид-19, а резултатот бил позитивен.

Жената е во домашна изолација, а претставници на Националната организација за јавно здравје на Грција денеска ги проверуваат сместените во хотелот, како и вработените.

Конкретниот хотел, во кој престојуваат 470 баратели на азил, повеќето од нив од Супсахарска Африка, од четвртокот вечерта, превентивно е во карантин откако бил потврден позитивен случај на коронавирус кај вработена, иако таа претходните 12 дена не доаѓала на работа.

Паралелно, од Министерството за миграција и азил на Грција соопштуваат дека во саботата на пат кон болницата починала 39-годишна жена од Судан, која била негативна на Ковид-19.