Работно време до полноќ за угостителските објекти и ноќните клубови, работа од дома до 50 отсто за јавниот и приватниот сектор, спортски натпревари со само десет отсто исполнетост на стадионите, се новите мерки што попладнево ги соопшти министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис, а ќе стапат во сила следниот понеделник, на 3 јануари 2022 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Плеврис објасни дека планирано е мерките да важат до 16 јануари, но ја остави отворена можност, доколку е потребно да се продолжат.
Поконкретно, од следниот понеделник, угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови и слично ќе затвораат на полноќ, дозволено ќе биде до шест лица на една маса, а забрането е стоење.
Министерот за здравство истакна дека ако не се почитуваат конкретните мерки и доколку се регистрираат прекршоци, ќе се воведе дополнителна рестрикција, објектите да работат без музиката.
На стадионите, каде што Плеврис рече дека има непочитување на мерките, дозволено е присуство на публика, но само десет отсто од капацитетот или најмногу 1.000 лица и истакна дека и во овој случај ако не се почитува мерката, тогаш ќе има дополнителни рестрикции и натпреварите ќе бидат без публика.
Приватниот и државниот сектор, од понеделник ќе воведе работа од дома до 50 отсто од вработените и со флексибилно работно време.
Маската со висока заштита КН95, освен за супермаркетите и јавниот превоз, задолжителна ќе биде и за вработените во угостителскиот сектор.