Од полноќ во Бугарија почна изборната кампања за вонредните парламентарни избори на 2 октомври, а треба да заврши на 30 септември на полноќ, јави дописникот на МИА од Софија.
На предвремените парламентарни избори во Бугарија на 2 октомври ќе учествуваат 28 политички формации, од кои 22 се политички партии, а шест се коалиции.
Граѓаните на Бугарија ќе можат да гласаат со 11.100 избирачки машини, од кои 9.363 ќе се гласаат во земјава, а останатите ќе бидат распределени во странство.
Во помалите населени места со помалку од 300 жители ќе се гласа со хартиено ливче.
Ова ќе бидат трети избори во Бугарија на кои се гласа машински, по двете парламентарни гласања минатата година и претседателските избори. Одржувањето на гласачките машини, софтверот и другите елементи за успешно гласање во Бугарија ќе чини, според јавната нарачка објавена од ЦИК, околу 3.500.000 евра.
Вкупните трошоци за овие предвремени парламентарни избори во Бугарија ќе бидат околу 35 милиони евра.
Бугарските граѓани и државјани ќе можат да гласаат за новите членови на 48. Национално собрание во над 50 земји ширум светот.
Според првичните сознанија на социолозите Светлин Тачев од „Галуп интернешнл“ и Геновева Петрова – од „Алфа рисрч“ искажани за БНТ, битката ќе се води меѓу Истокот и Западот поради војната во Украина, како и прашањето за снабдувањето со гас.
Светлин Танчев предвидува дека оваа ќе биде жестока изборна кампања. Геновева Петрова смета и дека геополитиката ќе биде фактор во изборната кампања, но додаде дека луѓето се загрижени за економската криза во земјава. Според неа, реформите во правосудството веројатно нема да бидат водечка тема на кампањата.
Според Танчев, ако по 2 октомври во Бугарија не се формира влада и се оди кон спирала на предвремени избори, тогаш може да се зборува за многу силно радикално гласање. (МИА)