Масовната имиграција ја намалува работната сила и долгорочно може да влијае на економскиот раст на земјата.
Загриженоста, како што јави Топ чанел, ја изнесол гувернерот на Централна банка на Албанија Гент Сејко, при презентацијата на Извештајот за транзиција за периодот 2022-2023 година, подготвен од Европската банка за обнова и развој(ЕБОР).
– Како земја со богата историја на имиграција, Албанија ги доживеа и нејзините позитивни и негативни страни. Од една страна, оваа појава генерира девизни приливи и општо зголемување на знаењето и експертизата, кои се неопходни за развојот на земјата. Од друга страна, ја намалува работната сила – особено во нејзините најквалификувани сегменти – и е на штета на долгорочните изгледи за раст. Потребна е подобра координација на меѓународно ниво, да се води сметка придобивките од емиграцијата и слободното движење на луѓето да бидат што поправедно споделени меѓу земјите, оценил Сејко.
Според извештајот на ЕБОР, албанската економија значително ќе забави оваа година и се очекува растот да биде 3 отсто, најоптимистичката прогноза досега, истакнувајќи ја високата инфлација како еден од најголемите ризици.
– Продолжувањето на структурните реформи е многу важно и ќе игра клучен фактор за економскиот раст. Во ова време на криза, особено за време на пандемијата, фокусот беше ставен на опстанокот, но сега треба повторно да почнеме да размислуваме за овие реформи, рече претставникот на ЕБОР, Кристоп Денк.
Според гувернерот Сејко, се очекува забавување на инфлацијата во текот на оваа година. Според него се очекува таа да се врати на целта на Централна банка од 3 отсто во првата половина на 2024 година.