Со одлука на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, поради пандемијата, оваа година нема да се одржи традиционалната воена парада во Солун на 28 октомври, кога се одбележува денот „Охи“ (Не), односно негативниот одговор на Грција на ултиматумот од Италија во 1940 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите ја соопшти одлуката на Мицотакис, како за воената парада во Солун, така и за парадата на учениците во Атина.
Говорејќи за пандемијата, Пецас рече дека во овој момент има стабилизирање на ситуацијата, а не драстично зголемување на случаите и истакна дека „ако продолжиме вака нема да има потреба од нови мерки“.
Паралелно, објасни дека не се разгледува можноста за задолжително носење маска и надвор, ниту пак да се воведе полициски час од полноќ. (МИА)