На лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) и поранешен претседател на косовското Собрание Кадри Весели му е потврдено обвинението од страна на Специјалното обвинителство на Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг, јави дописникот на МИА од Приштина.
Преку соопштението кое претпладнево го објави неговата партија, Весели информира дека обвинението го добил вчера попладне и дека ќе отпатува за Холандија во текот на денешниот ден.
Весели, кој е еден од водачите на Ослободителната восјка на Косово (ОВК) и шеф на нејзините разузнавачки служби, вели дека доброволно ќе замине во Хаг за да се соочи со обвинениејата, затоа што, како што вели, тоа го гледа како можност да одоговори на „сомнежите и лажните озборувања кои кружат со години“ во врска со борбата на ОВК.
– Свесен сум дека има луѓе во Косово кои мислат дека Специјализираните комори се навреда за нашата историска борба за одбрана на народот на Косово од злосторствата на режимот на (некогашниот претседател на Србија, Слободан) Милошевиќ. Но јас не го гледам тоа на тој начин. Јас го гледам како можност да одговорам на сомнежите и лажните озборувања кои кружат со години. Од кога Дик Марти го објави неговиот неоснован извештај, беше неизбежно доаѓањето на овој ден. Беше неизбежно неговите неправедни обвиненија да се проверат пред еден суд, за да им се стави крај еднаш и засекогаш. Тоа е причината зошто јас го поддржав основањето на тој ттрибунал и тоа е причината поради која сега сум подготвен да ја одиграм мојата улога во тој процес, порача Весели.
Полицијата на Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, вчера во негоиот дом во Приштина го приведе и го префрли во притворното одделение на Меѓународниот суд некогашниот портпарол на ОВК и поранешен спикер на Собранието на Косово, Јакуш Красниќи.
Утрово за Хаг отпатува и шефот на пратеничката група на партијата Движење самоопределување (ВВ), Реџеп Селими, кој е исто така една од истакнатите фигури на некогашната ОВК.
Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на меѓународниот суд, кој во косовската јавност е познат како „суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии. Формиран е во 2015 година со одлука на Собранието на Косово, под силен притисок на САД и Европската унија.
Покана да се јават пред Обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.
Како осомничени во Хаг се повикани и некои од основачите и водачи на ОВК, меѓу кои и актуелниот претседател на државата Хашим Тачи и шефот на главниот штаб на ОВК, подоцна и премиер на Косово, генералот Агим Чеку.
Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.