Медицинските сестри во Бугарија, поставија шатори пред Министерството за здравство со цел да го искажат своето незадоволство од односот кон нив.
– Ние поставивме шаторски камп денеска затоа што злоупотребите во здравството продолжуваат, затоа што третманот кон нас е безобразен, затоа што голем дел од колегите кои работат во единиците за интензивна нега не одмориле повеќе од една година, затоа што сите отсуства се суспендирани поради пандемијата, затоа што други беа присилени да користат платен одмор, затоа што многу работодавци не плаќаат прекувремено, затоа што многу од единиците работат без медицински сестри – има единици со три медицински сестри кои водат распоред, кои веќе работат стотици часови прекувремено. Затоа, бидејќи продолжува притисокот врз членовите на нашиот синдикат, веќе имаме два добиени случаи – еден поднесен во Комисијата за заштита од дискриминација. Затоа сме сега тука, ова е протест за правата, не само за парите, рече Маја Илиева, претседател на синдикатот на бугарските медицински специјалисти.
Таа рече дека протестот ќе биде на неодредено време, јави БГНЕС.
Со демонстрантите поразговара и новиот бугарски министер за здравство, проф. Костадин Ангелов.
Тој посочи дека барањата на медицинските сестри, кои се пред Министерството, постојат долго време.
– Повеќето од нив се коректни, повеќето можат да се решат со не многу напор и со не многу пари. Да, можно е, еден проблем е надоместокот, од 1 август е донесена одлуката, а другиот проблем е исплатата на лицата од првата линија на фронот, осигурани се финансиски средства до крајот на годината за сите вработени кои се на првата линија. Овие се најитни проблеми, рече министерот.
Претходно во Русе, тој рече дека не е убеден дека тоа е протест на медицинските сестри од цела земја.