сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Радев: Бугарија ги има сите шанси следната година да влезе во Шенген

Радев: Бугарија ги има сите шанси следната година да влезе во Шенген

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска во Тирана изјави дека неговата држава продолжува со напорите заедно со Романија, до последен момент за влез во Шенген. Радев учествува на средбата на високо ниво ЕУ-Западен Балкан во Албанија.

Во изјавата за бугарските новинари, тој рече дека постојат сите шанси Бугарија да влезе во Шенген следната година. Ова е неговото мислење како резултат на разговорите со двете земји кои сè уште имаат сомнеж за влезот на Бугарија во Шенген – Австрија и Холандија, иако бугарскиот претседател не ги именуваше.

– Продолжувам да разговарам за темата Шенген со двајцата лидери. Продолжуваме да работиме на сите нивоа на дипломатијата, но работата мора да се заврши и во Бугарија. Мојот апел до сите политички партии е да не ја политизираат оваа тема. Нека не се користи за лична пресметка меѓу партиските лидери, повика претседателот на Бугарија.

– Постојат сите шанси следната година Бугарија да се приклучи на Шенген зоната, но тоа во голема мера зависи од нас и од тоа како ќе ја играме оваа игра на полето на дипломатијата – без емоции и особено без емоции во Бугарија, додаде тој.

Според него, во одредени земји од ЕУ има напластени чувства против Бугарија со години.

– Овие чувства, можам да кажам предрасуди – некаде се оправдани, некаде не, многу е тешко да се скршат. Затоа, активно работиме со сите дипломатски средства, рече шефот на бугарската државата и изрази уверување дека доколку се вложи напор во парламентот и во Владата, како и во претседателската институција, „ќе има успех“, јави БТА.

Во врска со информациите за инцидент на бугарско-турската граница во октомври, поврзан со пукање во мигрант, Радев рече дека случајот темелно се истражува.